Се ближи денот кога ќе се отвори јануарскиот трансфер период и нормално е да растат шпекулациите кој, каде и за колку.
Марота веќе најави дека во јануарскиот преоден период нема да се вложуваат големи парични средства и дека ќе се делува на пазарот само доколку има некоја исклучителна можност за тоа. А дека главните вложувања ќе бидат дури на лето, кога и ќе се има пореална слика за моменталниот состав на Јуве, но и фудбалскиот свет ќе има поголема понуда.
Но, сепак, доколку челните луѓе на Јуве сакаат да го одржуваат чекорот со водечките екипи би требале уште јануари да го искористат за засилување на екипата, а знаејќи го Марота тој веќе има одредени имиња кои би пристигнале уште во престојниот трансфер период.

Веќе извесен период се најавува дека Момо Сисоко ќе го напушти Јуве, но сега овие шпекулации се погласни од било кога. За него заинтересирани се германските Баерн Минхен, Волфсбург и англиската Астон Вила.
Со евентуалното негово заминување би се ослободило место во централниот дел од играта на Јуве. А како најсериозни кандидати за пополнување на тоа место ќе бидат 26-годишниот фудбалер на Виљареал, Бруно Сориано чија вредност се проценува на околу 9 милиони евра, и можеби најталентираниот играч за врска во Европа, Андреа Поли од Сампдорија.

Кога сме веќе кај Сампдорија, се шпекулира дека нивниот претседател, поради финансиските проблеми на клубот, се решил сметката да ја порамни со продавање на своите најдобри фудбалери. Имиња кои се поврзуваат со Јуве, освен Поли, се Пацини и Рето Циглер. Имајќи го предвид фактот дека Циглер игра на левата бековска позиција која (заедно со десната) можеби е најслабата во тимот, а Пацини е профил на напаѓач кој би постигнувал по 20тина голови по сезона, овие два трансфери и имаат смисла.
Со евентуалното пристигнување на Пацини, местото на некои фудбалери би било загрозено. Во прв план тоа би бил Јакинта, но за робусниот напаѓач не изостануваат понуди. Најсериозна е онаа на Тотенхем, а Англичаните и веќе поодамна се интересираат за Винченцо.
Веќе говоревме дека се бара фудбалер и за десната бековска позиција, а Глен Џонсон е означен како идеален фудбалер токму за таа позиција. За десната страна, но нешто понапред, односно како земена за Красиќ, Марота гледа во крилниот фудбалер на Чезена, Езикел Шелото. Шелото всушност игра како позајмен фудбалер во Чезена од Аталанта. А за да се реализира овој трансфер Марота би и го понудил на Аталанта на шестмесечна позајмица Давид Ланзафаме, кој очигледно не е во плановите на Дел Нери. Предност кај Шелото е што освен десно крило може да ја покрива и позицијата десен бек.

Фудбалер кој го привлекува вниманието на Марота е и отритието на Борусија Дортмунд, Шинџи Кагава, кој одлично ја игра актуелната сезона. Иако игра во офанзивниот среден ред, Јапонецот одлично ги тресе противничките мрежи и на 16 натпревари има постигнато 8 погодоци. Се спомнува, а Марота и го потврди тоа, дека Јуве е заинтересиран за талентот на Сао Паоло, Лукас Пиазон. Се шпекулира дури и дека Јувентус веќе платил 6 милиони евра за него, но според бразилските закони Пиазон ќе може да направи трансфер дури откако ќе наполни 18 години. Што би значело дека Бразилецот би пристигнал во Јуве најрано во јануари 2012 години, знаејќи дека сега во јануари ќе наполни 17 години. За нападот се споменуваат и Марио Гомез од Баерн Минхен и Освалдо од Еспањол.

Џиџи Буфон е името на ѕвездата кое се почесто се поврзува со евентуално заминување. За него постои интерес од Англија (Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити), но и од Германија, поточно од Баерн Минхен кој бара класа голман од пензионирањето на Оливер Кан. Откако го повреди грбот на Светското првенство во Јужна Африка, Буфон одлично беше заменет од Марко Сторари.
Сепак останува да видиме што ќе стори Марота и кој ќе го облече светиот дрес.
No comments:
Post a Comment